ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ УКРАИНСКИ ДЕЦА СЕ ДЕПОРТИРАНИ ВО РУСИЈА И ТАМУ ГИ УЧАТ ДА ЈА МРАЗАТ УКРАИНА, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ УКРАИНСКИ ДЕЦА СЕ ДЕПОРТИРАНИ ВО РУСИЈА И ТАМУ ГИ УЧАТ ДА ЈА МРАЗАТ УКРАИНА, КАЖА ЗЕЛЕНСКИ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИЗеленски кажа дека она што го прави Русија во Украина е геноцид (Фото: АА)

    Володимир Зеленски ја обвини Русија за геноцид во своето обраќање на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, додека неговата сопруга Олена повика на враќање на 19.000 украински деца присилно депортирани во Русија од почетокот на војната.

    Облечен во сиво-маслинеста кошула, Зеленски го употреби зборот геноцид за да укаже на киднапирањето на десетици илјади украински деца, за кои кажа дека им се перат мозоци за да ја мразат својата татковина.

    „Никогаш порано масовни киднапирања и депортации не биле дел од владина политика. Сѐ досега. Украинската влада ги знае имињата на десетици илјади деца киднапирани на окупираните територии и потоа депортирани во Русија“, изјави Зеленски.

    Во март, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Владимир Путин за неговата вмешаност во депортациите на украински деца.

    „Се обидуваме да ги вратиме нашите деца дома, но времето поминува и што ќе се случи со нив? Тие деца ги учат во Русија да ја мразат Украина и сите врски со нивните семејства се прекинати. Тоа очигледно е геноцид“, кажа Зеленски.

    Првата дама на Украина, Олена Зеленски, кажа дека досега од Русија биле вратени само 386 деца.

    „Повеќе од 19.000 деца се присилно однесени или депортирани во Русија или на окупираните територии. Им кажуваат дека не им требаат на нивните родители, на нивната земја, дека никој не ги чека. На киднапираните деца им се кажува дека веќе не се украински, туку руски деца“, рече таа во Обединетите нации.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира