Десетмина се повредени, од кои еден критично, а 21 е исчезнат откако денеска рано изутрината свлечиште во јужна Норвешка однесе повеќе од десетина згради, соопшти полицијата. Свлечиштето го погоди населениот дел на општината Гјердум, околу 30 км северно од главниот град Осло.
Полицијата вели дека околу 700 жители се евакуирани од областа.
На фотографиите од местото се гледа огромен кратер во чие дно се уништените згради. Други згради висат над провалијата. Уште две згради се урнаа во провалијата попладнево.
„Ова е катастрофа. Можеби има луѓе заробени во урнатините, но во исто време не можеме да знаеме со сигурност бидејќи се новогодишни празници, што значи дека луѓето може и да не се дома“, рече премиерката Ерна Солберг која го посети местото на несреќата.
Таа кажа дека спасувачката операција ќе трае долго време.
„Ситуацијата е сè уште нестабилна, така што не е можно да се спасува поинаку освен со хеликоптери“, рече таа.
Оваа област е позната по тоа што има многу глина која брзо се менува од цврста во течна состојба, а тука и претходно имало свлечишта.