Најмалку 11 луѓе загинаа во вториот голем руски напад врз Киев во рок од неколку дена, при што спасувачите бараат преживеани под урнатините на делумно уништени станбени згради. Шефот на воената управа на Киев, Тимур Ткаченко, изјави дека се повредени најмалку 46 луѓе, од кои пет деца.
Нападите се случија во пресрет на самитот на НАТО во Турција, на кој Володимир Зеленски треба да се сретне со Доналд Трамп. Неколку часа порано, Зеленски предупреди дека се спрема голем напад врз Киев, само четири дена откако во главниот град загинаа 31 лице.
„Руските балистички проектили погодија неколку станбени згради низ градот, при што избувнаа пожари“, изјави градоначалникот Витали Кличко, додавајќи дека бројот на жртви би можел да расте.
Русија тврди дека напаѓа воени и енергетски објекти како одмазда за серијата украински напади, во кои беа погодени и неколку руски рафинерии, што се одрази врз снабдувањето со гориво во земјата.
Пред самитот на НАТО, Зеленски ги повика сојузниците да не доцнат со испораката на проектили со долг дострел. Тој исто така побара лиценца од САД за производство на проектили „патриот“ во Украина.



