Џаред Ајзакмен, милијардерот кој ја изведе првата приватна прошетка во вселената, ќе биде новиот шеф на НАСА, објави новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Четириесет и едногодишниот Ајзакмен леташе двапати во вселената на целосно приватни мисии, работеше со Илон Маск и потроши стотици милиони долари како клучен клиент на неговата фирма „СпејсЕкс“.
Ајзакмен нема никакво претходно владино и политичко искуство и ако биде потврден од Сенатот, ќе го надгледува буџетот на НАСА од околу 25 милијарди долари. Нејзината главна мисија е враќањето на луѓето на Месечината во рамките на програмата „Артемис“, што беше наголемо промовирано од Доналд Трамп во неговиот прв мандат.
Се очекува Ајзакмен да ја продлабочи стратегијата на НАСА да се потпира на приватни компании во вселенските истражувања.
„Вселената има неспоредлив потенцијал за напредок во производството, биотехнологијата и рударството, можеби дури и патишта до нови извори на енергија“, кажа Ајзакмен.
Во септември оваа година, Ајзакмен стана првото приватно лице во историјата кое извело вселенска прошетка, што дотогаш го правеа само професионални астронаути, почнувајќи од Советите во 1965 година.