Борис Џонсон го загуби мнозинството во британскиот парламент откако пратеникот Филип Ли премина во редовите на Либералните демократи во пресрет на гласањето за иднината на спроведувањето на брегзит, кое може да доведе до нови избори во Велика Британија.
Ли се пресели во редовите на опозицијата во моментите кога Џонсон го брифираше парламентот за неодамнешниот самит на Г7. Со тоа се промени односот на силите во парламентот и опозицијата стана мнозинство, со 320 наспроти 319 пратеници.
„Владата продолжува да форсира штетен брегзит на непринципиелен начин, ризикувајќи ги животите и благосостојбата на луѓето“, ја појасни Ли својата одлука.
Тој го обвини Џонсон дека ја заразил Конзервативната партија со англиски национализам и популизам во очајничкиот обид да ја извлече Британија од ЕУ.
Џонсон вети дека ќе го спроведе брегзит до крајниот рок на 31 октомври со или без постигнат договор, но и најави итни парламентарни избори на 14 октомври, доколку пратениците успеат да го спречат во тоа.