14-ДНЕВНИОТ ПРОСЕК ВО РОМАНИЈА Е 226 ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 НА МИЛИОН ЖИТЕЛИ, ДЕСЕТ ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ПРОСЕКОТ ВО ЕУ

    14-ДНЕВНИОТ ПРОСЕК ВО РОМАНИЈА Е 226 ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 НА МИЛИОН ЖИТЕЛИ, ДЕСЕТ ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ПРОСЕКОТ ВО ЕУВо Романија се вакцинирани само 29% од вкупното население (Фото: Гети)

    Романските ученици од денеска се на двонеделен распуст, што би можело да биде и продолжено, маските се задолжителни и на отворено и во затворено, а на невакцинираните не им е дозволено да излегуваат надвор по 20 часот, додека земјата се соочува со најсмртоносниот бран на ковид-19 досега.

    Во изминатите седум дена, Романија имаше дневен просек од 15.000 новозаразени и 389 починати од ковид-19. Црниот рекорд беше поставен во вторникот кога починале 574 луѓе. И додека 14-дневниот просек во ЕУ беше 24 починати на милион жители, стапката во Романија беше 226 мртви на еден милион.

    Сите 2.000 кревети на интензивна нега во романските болници се веќе зафатени и пациентите се принудени да чекаат надвор. Првите 50 критично болни пациенти се веќе пренесени во болници во Унгарија и Полска.

    „Понекогаш имам чувство како целата држава да станала оддел за реанимација. Ова е национален неуспех на сите нивоа. Сведочиме на еден вид национално слепило, предизвикан од недостигот на образование и цивилизација“, вели Дорел Сандеск, шефот на одделот за интензивна нега во болницата во Темишвар.

    Во Романија се вакцинирани околу 30% од вкупното население, односно 34% возрасни, што во ЕУ е подобро само од Бугарија. Политичарите ја обвинуваат јавноста што одбива да се вакцинира и што верува во теории на заговор. Летоска, поради слаб интерес за вакцинирање, Романија продаваше вакцини во Ирска, Данска и Виетнам.

    „Голем дел од населението избира да верува во паничните и сензационални вести поврзани со вакцинирањето“, вели Лилијана Катриноју, директорката на вакциналниот центар во гратчето Росиори де Веде близу Букурешт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира