ДОМИНАЦИЈА НА АМЕРИКАНСКАТА АВИО ИНДУСТРИЈА НА ПАРИСКИОТ САЕМ ЗА АВИОНИ

    Акробатскиот тим на Десо во боите на француското знаме на авио саемот во Париз. (Видео: Г. Михајловски)

    СПЕЦИЈАЛНО ОД ПАРИЗ ЗА САКАМДАКАЖАМ.МК – ГОРАН МИХАЈЛОВСКИ

    Остварувањата на американската авиоиндустрија го одбележаа годинашниот саем на авиони на аеродромот Бурже, близу Париз. Новиот ловец на авиони Ф-35  на производителот Локид Мартин беше ѕвезда на саемот, а Боинг, иако не претстави нов авион, туку нова верзија на стариот „737“, од Париз си замина со речиси двојно повеќе нарачки од европскиот ривал „Ербас“.

    Традиционално, Парискиот авио саем е полигон за натпревар меѓу двата најголеми производители на авиони, Боинг и Ербас. Годинава, победник беше Боинг со 571 нарачка, додека Ербас имаше 326 нарачки.

    Бурже и некогаш и сега е гламурозно. Покрај двата големи париски аеродроми Шарле де Гол и Орли, овој аеродром се користи главно за приватни луксузни авиони на богата клиентела – Поглед врз платформата (Фото: Г. Михајловски)

    Авиосаемот во Бурже е најстарата светска манифестација од областа на авијацијата.  Прв пат се одржал во 1909. Бурже и некогаш и сега е гламурозно место. Во 1927 година, Чарлс Линдберг слетал тука по првиот прелет преку Атлатскиот океан. Со години овој аеродром бил влезна дестинација за Европа на холивудските ѕвезди. Одри Хепберн стално доаѓала преку Бурже.

    Сега, покрај двата големи париски аеродроми Шарле де Гол и Орли, овој аеродром се користи главно за приватни луксузни авиони на богата клиентела.

    Последната верзија на популарниот Боинг 737, наречен 737 Макс во Париз им беше претставен само на потенцијалните купувачи – авио демонстрација на Ле Бурже (Фото: Ројтерс)

    Авиосаемот што се одржува секоја втора година во Бурже, викендов беше отворен и за публика која се одушевуваше на неверојатните прелети на „Ф-35“, како и на воздухопловното шоу на најголемиот патнички авион во светот Ербас А380 кој како џин лебдеше над трибините и изведуваше егзибиции на мала височина. Последната верзија на популарниот Боинг 737, наречен 737 Макс во Париз им беше претставен само на потенцијалните купувачи кои тука беа од понеделникот до петокот. Обичната публика немаше шанса да го види авионот кој собра рекореден број нарачки.

    Како за инает на Американците, на аеродромот е паркиран стар Боинг 747 со кој летала компанијата Ер Франс, сега изложен како музејски експонат веднаш до поставката за француската вселенска програма Аријана (Фото: Г.Михајловски)

    Наспроти тоа, како за инает на Американците, на аеродромот е паркиран стар Боинг 747  со кој летала компанијата Ер Франс. Тој е изложен како музејски експонат веднаш до поставката за француската вселенска програма Аријана.

    Иако за воениот авион Ф-35 не се даваат официјални податоци бидејќи станува збор за воена индустрија, новинските агенции, повикувајќи се на два независни извора на информирање објавија дека уште пред дебитантското претставување во Париз, Локид Мартин веќе е во последна фаза на преговори за продажба на 440 вакви авиони на 11 заинтересирани држави, вклучително и САД, со зделка вредна околу 37 милијарди долари.

    Најголемиот собир за авијација и воена индустрија се отвори во понеделникот со спектакуларно слетување на францускиот претседател Емануел Макрон со воениот транспортен авион Ербас А400-М. Макрон, сакајќи да си го подигне меѓународниот рејтинг го избра токму А400-М за да поттикне доверба во европскиот проблематичен проект за воен транспорт во Европа.

    Вистинско дожување беа секојдневните летови на француските воздухопловни сили со ловците на Десо кои изведуваа шоу на небото со боите на француското знаме.

    Со летечки автомобили и потенцијален суперсоничен наследник на Конкорд, компанија што нуди испорака на товар на Месечината и најновите необични футуристички идеи во авијацијата, Парискиот авио саем што денеска завршува во Бурже е рај за вљубениците во авијацијата. Но, со сѐ прикажано на авио саемот, од најмали дронови до најголемите патнички авиони, тешко да се издвојат само неколку работи.

    Од разните летечки автомобили во развој, двоседот Пегасус од француската компанија Вајлон може барем да се пофали дека навистина лета. Моделот на четири тркала од јаглеродни влакна возеше низ Париз и потоа го помина Ла Манш, летајќи од Кале до Довер. Автомобилот потоа се движеше по земја до плоштадот Трафалгар во Лондон. Претседателот на Вајлон Жером Дафи вели дека автомобилот се продава за 100-150 илјади евра.

    Името на компанијата што развива суперсоничен наследник на Конкорд не може да биде посоодветно. Бум Суперсоник цели на инаугуративен лет следната година со моделот ХБ-1. Целта на Бум е суперсоничен авион што ќе лета 2,6 пати побрзо од останатите комерцијални авиони и што ќе го преполови на половина летот од седум часа меѓу Њујорк и Лондон, летајќи со 2.300 км/ч и носејќи 55 патници.

    Неколку компании на Парискиот авио саем нудат решенија за соборување дронови, како одговор на грижите дека беспилотните летала можат да бидат модифицираани да носат хемиско оружје и да бидат злоупотребени од терористи да нападнат од воздух. Компанијата Блек Сејџ од Ајдахо, САД, претстави мрежа на сензори во форма на новогодишна елка, за кои што коосновачот Дејвид Ромеро тврди дека можат да следат и онеспособат дронови од само 10 сантиметри.

    Унгарскиот иноватор Бајгревити претстави концепт на летечки моторцикл. Извршниот директор на компанија Балаж Керуло е страстен мотоциклист и неговиот поглед е насочен кон небото. Бета верзијата, наречена Флајк веќе леташе и сега компанијата бара дополнителни фондови за да развие комерцијален производ.

    На Саемот беа прогласени и најдобрите авиокомпании и аеродроми според гласање на клиентите. Според Скајтракс, консултантска куќа во областа на авиоиндустријата за најдобра авиокомпанија во светот беше прогласена Катар Ервејс, а во Европа, германската Луфтханза.

    Макрон, сакајќи да си го подигне меѓународниот рејтинг го избра токму А400-М за да поттикне доверба во европскиот проблематичен проект за воен транспорт во Европа. – Тој седеше во кокпитот и така слета отварајќи го 52. саем на авијација во Бурже (Фото: Ројтерс)

    Саемот во Бурже е најголемиот собир за авијација и воена индустрија што се одржува секоја втора година – Поглед од терасата на прес центарот (Фото: Г. Михајловски)

    Авиосаемот привлекува љубители на воздухоплови, но и богати клиенти – Галфстрим Г280 изложен за купувачи во Бурже. Овој мал авион на млазен погон го користат многу влади и коропрации, а американските воздухопловни сили го избрале како авион за евентуална евакуација на американските претседатели (Фото: Г. Михајловски)

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира