„Доста е“, извика Џо Бајден, повикувајќи на забрана на тешкото оружје во САД по последните масовни пукања кои ја шокираа нацијата. Зборувајќи во ударен термин од Белата куќа, тој кажа дека премногу училишта и други секојдневни места во Америка станале полиња на смртта.
„Ние не сакаме никому да му одземаме оружје. Ова нема врска со одземање на правата. Ова е заради заштитата на децата. Зошто обичен граѓанин би можел да купи напаѓачко оружје со кое може да испука 500 куршуми за само една минута“, кажа Бајден.
Тој се огласи по последните масовни пукања во Бафало, Увалде и Тулса, во кои загинаа десетици луѓе, вклучувајќи деца.
Бајден побара да се прошират федералните проверки на купувачите на оружје и закони со кои ќе се овозможи одземање на оружјето од лицата кои би биле оценети како опасни.
„Ако Конгресот не може да забрани такво оружје, барем би можел да ја покачи дозволената возрасна граница за негово купување од 18 на 21 година“, предложи Бајден.
Тој помогна да се воведе забрана за напаѓачко оружје во 1994, која беше укината десет години подоцна и оттогаш се води дебата дали таа беше ефективна во спречувањето на оруженото насилство.
„Уште колку масакри сме спремни да прифатиме? Доста е, доста! Мора да преземеме нешто“, кажа Бајден.