Дронови погодија два брода во Црното Море во близина на Бугарија, при што еден потона и беа покренати итни спасувачки операции, изјави премиерот Румен Радев.
„Спасен е еден член на екипажот од потонатиот брод. Спасувачите исто така ги евакуираа сите 15 членови на екипажот од другиот брод, ‘Челзи 3‘, кој пловел под знамето на Малта, при што петмина добија лекарска помош за полесни повреди“, изјави Радев.
Тој ги опиша нападите како „апсолутно неприфатливи“ и побара помош од НАТО и Европска Унија, наведувајќи дека Бугарија нема јасни докази за тоа кој е одговорен.
„Немаме цврсти и јасни докази за да обвиниме која било странa, но логиката укажува дека резултатот е во корист на Руската Федерација. Затоа, денеска ќе ја повикам руската амбасадорка Митрофанова на разговор“, рече Радев.
Инцидентот се случил 24 километри од брегот на Бугарија. Радев не кажа каков товар пренесувале бродовите.
Пред една недела, два товарни брода беа погодени од дронови во ексклузивната економска зона на Бугарија во Црното Море, при што еден потона, а екипажот не беше спасен.



