Две лица загинаа, а повеќе се повредени во пожарите кои од вчера беснеат во округот Лос Анџелес. Пожарникарите досега успеаја да изгаснат само еден од петте пожари, од кои најголемиот, во областа Палисадс, има зафатено површина од над 2.000 хектари.
На терен се распоредени 1.400 пожарникари и досега е наредена евакуација на околу 70.000 луѓе.
„Во пожарот во Палисадс се изгорени околу 1.000 структури. Пожарот и натаму се шири, очекуваме влошување на состојбата“, кажа шефот на пожарникарите Ентони Мароне.
Пред да избувнат, Националната метеоролошка служба предупреди дека постои висок ризик од пожари во најголемиот дел од округот Лос Анџелес, предвидувајќи ветрови со брзина од 80 до 130 километри на час. Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом прогласи вонредна состојба.
„Силните ветрови и ниската влажност ги ставија во опасност сите жители на округот Лос Анџелес. Пожарите ги растегнаа капацитетите на итните служби до нивното максимално ниво. Во овој момент тешко може да се сфати обемот на уништувањето и загубите“, додаде Мароне.
Областа Пасифик Палисадс се наоѓа меѓу крајбрежните градови Санта Моника и Малибу и е дом на голем број филмски, телевизиски и музички ѕвезди. Некои од нив беа директно погодени од пожарите и мораа да бегаат, како актерите Марк Хамил и Џејмс Вудс, а во загрозената област е и домот на потпретседателката на САД, Камала Харис.