ДВАЈЦА ВО ПРИТВОР ПО ИСЛАМИСТИЧКИОТ НАПАД ВРЗ ИЗРАЕЛСКАТА АМБАСАДА ВО БЕЛГРАД

    ДВАЈЦА ВО ПРИТВОР ПО ИСЛАМИСТИЧКИОТ НАПАД ВРЗ ИЗРАЕЛСКАТА АМБАСАДА ВО БЕЛГРАДАмбасадорот на Израел во Србија Јахел Вилан (лево) и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска во Ургентниот центар го посетија полицаецот ранет во нападот на израелската амбасада во Белград. (Фото: Танјуг)

    Две лица се во притвор, а претресот продолжува на на повеќе локации низ Србија, откако вчера 25-годишен српски конвертит во ислам со самострел го рани во вратот припадникот на жандармеријата во напад пред израелската амбасада во Белград. Вицепремиерот на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека во текот на ноќта е извршен претрес на повеќе локации низ Србија, дека биле интервјуирани десетици лица, нагласувајќи дека обвинителството ќе утврди понатамошни дејствија по вчерашниот „целен терористички напад“ во израелската амбасада во Белград. Нападнатиот полицаец го застрела напаѓачот.

    „Има луѓе кои припаѓаат на вахабистичкото движење. Треба да најдеме соодветна врска помеѓу активностите на вахабиите и конкретниот настан“, изјави Дачиќ и додаде дека има и други работи, прецизирајќи дека е пронајдено видео со едно лице каде се заколнува на верност на Исламската држава. „Кога ќе погледнете што има во становите на тие луѓе, ќе видите дека тие се членови на екстремисти“, додаде Дачиќ и рече дека обвинителството ќе се занимава со тоа дали лицата се поврзани со овој терористички чин и прикажа видео од станот на екстремист во Нови Пазар.

    Дачиќ вчера изјави дека лицето кое го изврши терористичкиот напад пред израелската амбасада е Милош Жујовиќ (25), религиозно име Салахудин, преобратеник од Младеновац,ој се преселил да живее во Нови Пазар.

    „Многу детали се познати. Неговото движење на автобуската станица е реконструирано. Се движел низ градот, прво отишол во синагогата, а потоа се упатил кон израелската амбасада. Неговата сопруга отиде во Црна Гора, побаравме информации од црногорската полиција“, рече Дачиќ.

    Наведе и дека терористот Жујовиќ завчера го купил самострелот со кој рани припадник на жандармеријата во продавница во Земун. Тој додаде дека самострелот, како што е регистриран со српскиот закон, е оружје за кое не е потребна дозвола да се поседува и да се купи, нагласувајќи дека тоа мора итно да се смени. Кажа дека реконструкцијата на нападот покажа оти Жујовиќ вчера првпат дошол во синагогата во Белград и дека е можно тоа да му била прва мета, но продолжил понатаму поради големиот број полицајци околу синагогата.

    Дачиќ нагласи дека се работи за целен терористички напад и дека ќе се види кој се учествувал. Кажа и дека граѓаните на Србија се безбедни и дека сите единици на МВР се ставени на повисоко ниво на готовност и ќе бидат видливи на многу локации низ државата.

    Претседателот на Врховното собрание на Исламската заедница на Србија (ИЗС) Мухамед Јусуфспахиќ денеска изјави дека Милош Жујовиќ „се претставил како муслиман “ и дека верникот не може да биде терорист.

    „Она што го направи Милош Жујовиќ, човек кој се определи за исламот и се нарекува Салахудин, кој се претстави како муслиман, е чист тероризам, неисламски чин“, изјави Јусуфспахиќ за Танјуг.

    Тој истакна дека Жујовиќ никогаш не бил член на Исламската заедница на Србија, но според некои неофицијални информации посетил објекти кои се надвор од контрола на ИЗС, а со кои раководат приватни лица кои исто така не се дел од ИЗС.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира