Две лица загинаа, а едно се води како исчезнато по обилните врнежи од дожд и поплавите што го зафатија шпанскиот регион Каталонија, соопштија властите во неделата.
Каталонскиот лидер Салвадор Иља во објава на социјалните мрежи потврди дека еден маж загинал при уривање на ѕид во гратчето Тордера, северно од Барселона. Противпожарната служба соопшти за уште едно загинато лице во Монторнес дел Валјес, додека спасувачките служби трагаат по исчезнато лице во Пинеда де Мар, град на 52 километри северно од Барселона.
Каталонските власти издадоа црвено предупредување и апелираа до граѓаните да останат во своите домови од саботата од 20 часот до неделата до 14 часот, поради најавите за нови обилни врнежи и опасноста североисточниот регион да биде погоден од мини-ураган. Директорката на регионалната метеоролошка служба Метеокат, Сараи Сарока, во саботата изјави дека јадрото на исклучителен временски систем се наоѓало над Средоземното Море и дека мини-ураганот би можел да се премести над копното во Каталонија.
По поројните дождови во саботата, поплавени беа домови и потопени автомобили во Белвитџе и Корнеља во близина на Барселона, а на автопатите во Барселона се создадоа огромни вирови во кои пливаа патки.
Невремето предизвика сериозни прекини во сообраќајот и секојдневниот живот. На аеродромот во Барселона беа откажани или одложени летови, како што објави весникот Ла Вангуардија во саботата. Целосно беше нарушен и локалниот железнички сообраќај, продавниците затворија порано, беа откажани фудбалски натпревари, како и изведбата на операта Аида од Верди во оперската куќа Лисеу во Барселона.



