Две ракети и еден дрон се урнаа во Полска денеска, за време на големиот руски напад врз Украина, соопштија полските власти.
Министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш потврди дека крстосувачка ракета „Кх-101“ паднала близу село во покраината Лублин во источна Полска, 50 километри од границата со Украина. Друга ракета и дрон со млазен погон паднале на две други локации, рече Косињак-Камиш, додавајќи дека засега нема извештаи за повредени или за штети на критичната инфраструктура.
„Се справуваме со уште една провокација од Русија. Според мене, датумот не е случаен. Денеска, Коалицијата на волните спроведува вежби. Неколку земји се наоѓаат во близина на областите каде што дејствуваа нашите воздухопловни сили“, рече тој.
Ден откако Владимир Путин се закани со одмазда за украинските напади врз Кримскиот мост, Русија изведе голем напад врз Киев и други региони, при што загинаа најмалку осум луѓе. Володимир Зеленски рече дека Русија лансирала повеќе од 400 дронови и над 110 ракети, од кои 27 балистички. Во нападот се оштетени и три моста во Киев.
„Поради континуираните воздушни напади на Руската Федерација врз цели во западна Украина, воени авиони летаат во полскиот воздушен простор“, се вели во соопштението на Оперативната команда на полските вооружени сили.
Премиерот Доналд Туск изјави дека свикал итен состанок на министри, претставници на вооружените сили и раководители на разузнавачките служби како одговор на нарушување на полскиот воздушен простор.



