Неколку години, следбениците на онлајн теоријата на заговор Кјуенон го чекаа таканареченото Големо будење, следејќи ги анонимните објави од мистериозната личност Кју и верувајќи дека Доналд Трамп е нивни шампион.
Вчера, тие се соочија со суровата реалност: Трамп ја напушти Белата куќа без масовни апсења и други победи против наводниот кабал на сатанистичко-педофилско-канибалистички елити од редовите на Демократите. Место тоа, Џо Бајден мирно положи заклетва за нов претседател, оставајќи ги следбениците на Кјуенон поделени.
На еден канал на платформата Телеграм со повеќе од 18.000 членови, едни велат дека и натаму треба да се верува во планот, додека други се чувствуваат предадено. Некои претходни пораки сугерираа дека пуч ќе се случи до крајот на денот на инаугурацијата, а други шпекулираа дека Трамп ќе положи заклетва на 4 март.
„Дали некој знае кои се следни чекори?“, праша еден корисник на Телеграм, посакувајќи да има голема победа и апсења.
Џеред Холт, истражувач на дезинформации, вели дека никогаш досега не видел толкаво разочарување меѓу следбениците на Кјуенон.
„Тие цело време се потпираа на идејата ‘верувајте во планот‘. Целото движење сега е доведено во прашање“, вели Холт.
Во анкетата на друг канал на Кјуенон на Телеграм, 34% од 36.000 учесници рекле дека веруваат дека војската и Трамп имаат план што ќе го остварат во блиска иднина.
Движењето Кјуенон се појави во 2017 година откако анонимен поединец или група познат како Кју почна да објавува нејасни предвидувања на интернет форумот „4чан“, тврдејќи дека е човек од администрацијата на Трамп.