Во рускиот ракетен напад врз Киев во текот на ноќта загина еден човек, а повредени се уште три лица, предизвикaна е штета и пожари во неколку области од најголемиот напад врз Украина изминативе недели, соопштија украинските власти. Нападот е првиот од големи размери со употреба на ракети и беспилотни летала, откако САД кон крајот на минатиот месец соопштија дека преговараат за два договори за прекин на огнот со Русија и Украина, меѓу кои и еден за меѓусебната енергетска инфраструктура.
Андриј Јермак, началникот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, рече дека тековните напади врз Украина покажаа оти Русија не сака да стави крај на тригодишната војна.
„Дронови и проектили, постојани напади врз Украина. Русија го зголемува интензитетот на своите напади и демонстративно не сака да прекине со огнот, не сака мир. Јазикот на силата е единствениот што Путин го разбира. Сите наши партнери треба да се префрлат на овој јазик“, рече Јермак на апликацијата за пораки Телеграм, објавувајќи видео од пожарникарите кои се обидуваат да ги изгаснат пожарите на тешко оштетените згради.
Руските сили користеле балистички и крстосувачки ракети лансирани и од стратешки бомбардери и од поморска флота, како и од беспилотни летала, за време на нападот во текот на ноќта, соопшти украинското воздухопловство.
Предупредувања на воздухопловните сили за напад, меѓу кои и на регионите што граничат со Полска, ја принудија соседната земја-членка на НАТО набрзина да ги полета борбените авиони заради обезбедување на воздушниот простор.