Едно лице загина додека големите пожари стигнаа до северните предградија на Атина вчера. Изгореното тело на жена беше пронајдено во продавница во гратчето Врилисија, северна Атина, кажаа властите.
Илјадници луѓе беа евакуирани откако пожарникарите предупредија дека куќи, деловни објекти и училишта се загрозени. Се очекува пожарите да продолжат и денеска.
Портпаролот на противпожарната служба Василиос Ватракојанис изјави дека веќе нема еден активен огнен фронт во североисточниот дел на Атика, што ја вклучува и Атина, туку има многу активни локализирани пожари, најмногу кај Маратон и Пентели. Жителите на Атина беа принудени да носат маски поради чадот кој се прошири кон градот.
„Постои голема опасност од нови пожари не само денеска, туку и цела недела“, кажа Ватракојанис.
Повеќе од 700 пожарникари, 200 возила и 35 противпожарни летала се вклучени во гаснењето на пожарите. Првиот избувна во неделата попладне околу 35 километри северно од Атина. Вчера имало интервенции на 40 различни локации, а во некои области пламенот бил висок 25 метри.
Властите кажаа дека најмалку 18 луѓе се повредени, главно од вдишување чад. Меѓу земјите кои ѝ испраќаат помош на Грција се Франција, Италија, Чешка, Романија и Србија.