Нафтената рафинерија во Панчево, единствената во Србија, денеска запре со производството, а нејзините погони влегоа во процес на топла циркулација за да остане системот функционален. Ова го потврди српскиот претседател Александар Вучиќ во вонредното обраќање до јавноста, велејќи дека земјата се соочува со големи проблеми.
Ова следува откако на 9 октомври стапија во сила американските санкции за Српска нафтена индустрија (НИС), воведени поради руското сопствеништво во компанијата.
„Имаме уште четири дена до целосниот прекин на работата на рафинеријата, ако не успееме да добиеме лиценца од американската влада. Се надевавме и очекувавме уште вчера да ја добиеме, но има уште работи што тие сакаат да ги слушнат и видат пред да донесат позитивна одлука“, кажа Вучиќ.
Вучиќ изјави дека српската влада вчера едногласно го усвоила неговиот предлог со кој на Русија ѝ се дава рок од 50 дена да најде нов сопственик на НИС, во спротивно Србија ќе воведе своја управа и ќе им ја понуди на Русите највисоката можна цена за компанијата. САД претходно кажаа дека компанијата мора за три месеци да најде нов купувач.
„Дали ќе добиеме лиценца или не, зависи од Американците. Ако одбијат да ја издадат, ќе бидат загрозени и функционирањето на здравствениот систем и снабдувањето на трговските ланци. Во прашање е и производството на струја“, кажа Вучиќ.
Поради санкциите, банките ги замрзнаа трансакциите на НИС, а министерот за финансии Синиша Мали предупреди дека продолжувањето на санкциите би можело да влијае врз економскиот раст и кредитниот рејтинг на Србија и врз странските инвестиции во земјата.
„Постои опасност и од секундарни санкции. Централната банка и сите други банки кои соработуваат со НИС би можеле да станат предмет на санкции, со што може да дојде до прекин на целиот платен промет во земјата. Лично добив гаранции од САД дека такви санкции нема да се воведуваат“, рече Вучиќ.
„Газпром“ поседува 56% акции во НИС, што ги купи за 400 милиони евра во 2008, додека Србија е сопственик на 29,9% акции. САД ги воведоа санкциите на 10 јуни и во меѓувреме неколкупати ја одложија нивната примена.



