Украинскиот главен град Киев беше под нов бран руски воздушни напади, објавија ноќеска украинските власти и локалните медиуми. Украинските воздухопловни сили и медиумот „Киев индепендент“ кратко по полноќ соопштија дека градот е под силен напад. Беспилотни летала и ракети погодија повеќе области, соопштија официјални лица, при што најмалку едно лице загина, а четири се повредени.
Руски воздушни напади беа пријавени и во текот на ноќта во источниот украински град Харкив, близу до руската граница. Градоначалникот Ихор Терехов рече дека најмалку 19 лица се повредени. Оштетени се неколку болници и станбени згради, додека некои луѓе се заробени под урнатините. Гувернерот на регионот Харкив, Олех Синиехубов, рече дека меѓу повредените има бремена жена и дете.
Нападите се случија во време кога украинските и руските претставници од вчера водат разговори во Абу Даби, со посредство на САД, со цел да се стави крај на војната на Русија против Украина. Преговорите во главниот град на Обединетите Арапски Емирати се првите директни разговори меѓу двете страни по неколку месеци и треба да продолжат подоцна денеска. Досега не се објавени конкретни резултати.



