Последните часови од трката за претседател на Турција стануваат сè понапнати пред утрешниот втор круг, во кој Реџеп Таип Ердоган влегува со предност во обидот да владее уште 5 години по 20 години на власт. Пред вториот круг гласање, опозицискиот ривал Кемал Киличдароглу им се додвори на националистичките гласови и вети дека ќе протера милиони сириски бегалци уште во првата година од своето владеење. Ердоган го обвини за говор на омраза – и рече дека победата на Киличдароглу ќе биде победа за терористите.
Бегалците, особено оние кои бегаат од граѓанската војна во соседна Сирија, некогаш беа пречекани со раширени раце во Турција, но антимиграциското расположение е во пораст поради економскиот пад. Недостигот од станови и засолништа во провинциите погодени од земјотресот ги зголеми повиците за сириските бегалци да си одат дома. Мекиот Киличдароглу прво вети дека ќе ги врати Сиријците во рок од две години, велејќи дека ќе бара средства од Европската унија за изградба на домови, училишта, болници и патишта во Сирија и ќе ги охрабри турските претприемачи таму да отворат фабрики и други бизниси. Во обид да ги привлече националистичките гласачи пред вториот круг, Киличдароглу го заостри тонот, велејќи дека ќе ги испрати бегалците во рок од една година откако ќе биде избран. Оттогаш, тој ја доби поддршката и од антимигрантската партија.
Под зголемен притисок на јавноста, владата на Ердоган почна да гради илјадници куќи од тули во областите под турска контрола во северна Сирија за да поттикне доброволно враќање. Во четвртокот, Ердоган објави во телевизиско интервју дека Катар финансира посебен проект за домување кој ќе помогне да се населат до еден милион Сиријци. Неговата влада, исто така, бара помирување со сирискиот претседател Башир Асад за да обезбеди нивно безбедно враќање. Ердоган во четвртокот рече дека има околу 4 милиони бегалци во Турција, вклучувајќи околу 3,4 милиони Сиријци, но антимигрантските партии велат дека бројката е поблиску до 13 милиони.
Кандидатот на опозицијата во првиот круг заостанува со 2,5 милиони гласови. Ердоган е фаворит, но неговиот ривал верува дека разликата сè уште може да се премости – или од 2,8 милиони поддржувачи на ултранационалистички кандидат кој беше трет или од осумте милиони гласачи кои не излегоа во првиот круг. Тој четири часа одговараше на прашања од публиката на јутјуб телевизија. Преносот достигна 24 милиони прегледи според најновото пребројување, а Турција има 85 милиони жители.
Меѓународните набљудувачи велат дека гласачите можеби имале вистински избор, но дека Турција „не ги исполнила основните принципи за одржување демократски избори“.
Претседателот Ердоган не само што собра огромни овластувања во изминатите шест години, туку владее апсолутистички, а политичките противници се в затвор. Очекувајќи победа на Ердоган и натамошна економска нестабилност, финансиските пазари реагираа со тоа што вчера турската лира достигна рекордно ниско ниво во однос на доларот. Побарувачката за девизи се зголеми и нето девизните резерви на централната банка паднаа во негатива за прв пат од 2002 година.
Ердоган (69) за малку не победи во првиот круг на изборите на 14 мај, а исто така го задржа мнозинството во парламентот. Тоа се случи и покрај неконтролираната инфлација и последиците од катастрофалниот земјотрес во кој загинаа над 50.000 луѓе на југот на земјата. Киличдароглу, 74-годишниот лидер на главната опозициска социјалдемократска Републиканска народна партија и заеднички кандидат на шестпартиската алијанса, вети дека ќе го поништи долгогодишното назадување на демократијата под Ердоган, дека ќе ги врати дома сириските бегалци и ќе ги унапреди правата на жените.