Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган победи на денешните претседателски избори, со што неговото сè поавторитарно владеење влегува во трета деценија, додека земјата страда од високата инфлација и последиците од земјотресот што срамни цели градови. Претседателот на турскиот Врховен изборен совет ја потврди победата, велејќи дека дури и по пресметувањето на остатокот гласови, резултатот е уште еден мандат за Ердоган. Со отворени повеќе од 99 отсто од гласачките кутии, неофицијалните резултати покажаа дека Ердоган доби 52 отсто од гласовите, наспроти 48 отсто за ривалот Кемал Киличдароглу.
Третиот мандат му дава на Ердоган уште посилна рака на домашен и меѓународен план, а резултатите од изборите ќе имаат импликации многу подалеку од Анкара. Турција стои на раскрсницата меѓу Европа и Азија и игра клучна улога во НАТО. Ердоган стана турски премиер во 2003, а претседател во 2014.
Во своите први коментари по затворањето на гласачките места, Ердоган се заблагодари на нацијата што му ја довери претседателската функција уште пет години.
„Се надеваме дека ќе бидеме достојни за вашата доверба, како што бевме веќе 21 година“, им рече тој на поддржувачите од автобусот на кампањата пред неговиот дом во Истанбул.
Киличдароглу водеше кампања со ветувања дека ќе го смени демократското назадување на Ердоган, ќе ја обнови економијата со враќање на поконвенционални политики и ќе ги подобри врските со Западот. Тој рече дека изборите биле „најнеправедните досега“, при што сите државни ресурси се мобилизирани за Ердоган.
„Ние ќе продолжиме да бидеме во првите редови на оваа борба додека вистинската демократија не дојде во нашата земја“, рече тој во Анкара. Тој им се заблагодари на повеќе од 25 милиони луѓе кои гласаа за него и побара од нив „да останат исправени“. Народот ја покажа својата волја „да ја смени авторитарната влада и покрај сите притисоци“, рече тој.
Ердоган веќе почна да прима честитики за победата и од лидери на земји, а меѓу првите честитаа рускиот претседател Владимир Путин и францускиот Емануел Макрон.