Институтот за безбедносни истражувања на ЕУ ја посочува изградбата на кинеските автопати во Македонија како типичен пример за тоа како кинеските инвестиции во инфраструктурни проекти ја стимулираат корупцијата во анализата „Балканска корупција: Кинеска врска“.
„На крајот од 2013 година, владата во Скопје потпиша договор за изградба на автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри со кинеската корпорација ‘Синохидро’: договорот беше со вредност од 373 милиони евра и беше потпишан заедно со уште друг за делницата од 53 километри од Скопје до Штип (206 милиони евра). Проектот требаше да се финансира со заем од кинеската државна банка ‘Ексим’ за 85% од вредноста и да биде спроведен од ‘Синохидро’. Проектите беа засенети од обвинувања за корупција од самиот почеток. Во 2015 година, тогаш главната опозициска партија СДСМ објави 38 серии на снимени телефонски разговори во кои што наводно високи функционери од владејачките партии разговараат за директни исплати од избраната кинеска компанија. Со цел да се испитаат овие и други обвинувања во врска снимените разговори, беше назначен специјален јавен обвинител“, се вели во анализата.
Случајот „Траекторија“ на СЈО во кој што меѓу обвинетите е поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски се однесува на кинеските автопати. Пешевски и уште три други лица се обвинети за злоупотреба на службената должност, бидејќи ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки и постапиле спротивно и на условите поставени од Кинеската влада и кинеската „Ексим банка“ како заемодавач, со што му нанеле штета на буџетот на РМ во износ од најмалку 155 милиони евра.
„Во сите овие случаи на инфраструктурни проекти финансирани од Кина, кинеските компании ги добиле договорите директно од владите, место низ процес на наддавање. Често земјите морале да прават ад хок закони за кинеските проекти за да се исполнат барањата на Пекинг договорите да им бидат доделени директно на кинески компании. Ова создава дупки во законите и го одложува усогласувањето на регионот со нормите на Европската унија. Како такви, тендерските процедури не се отворени и транспарентни и се против ефикасното трошење на јавните пари и охрабруваат корупција. Накратко, додека институциите на ЕУ се обидуваат да промовираат јасни правила за трошење на секои 500 евра за да се осигура дека јавните пари се користат на најефикасен начин, договорите за кинеските автопати вредни до 500 милиони евра се доделуваат без тендер“, наведено е во анализата.
Во анализата се наведува дека кинеската компанија „Синохидро“ во 2016 година беше на црниот список на Светската банка за корупција и за измама.