Еврокомесарката за проширување Марта Кос го претстави предлогот на Европската комисија за реформа на процесот на проширување на ЕУ, наведувајќи планови за постепена интеграција, построга проверка на кандидатите и нова методологија, велејќи дека процесот влегува во „нов хелсиншки момент“.
„Светот се промени. И проширувањето мора да се промени со него“, изјави Кос на Конференцијата на хрватските амбасадори во Загреб.
Во својот говор, Кос ги истакна главните елементи на претстојната ревизија на политиката на претпроширувањето, долго одложувана иницијатива која испитува како би можела да изгледа Европската Унија со повеќе од 30 членки. Комисијата го оживеа прашањето во пресрет на важната расправа на лидерите на ЕУ, која се очекува во октомври.
Според Кос, ЕУ се соочува со нов хелсиншки момент, алудирајќи на собирот на европските лидери во финската престолнина што го отвори патот за проширувањето по Студената војна со дури десет нови членки.
„Комисијата ќе ги презентира своите идеи за тоа како Европската Унија мора да се подготви додека земјите-кандидатки се приближуваат кон финишот на преговорите за пристапување“, кажа Кос.
Таа смета дека на поголемата Унија ќе ѝ бидат потребни значајни реформи за да остане способна за брзо дејствување и прилагодување во време на криза.
„Треба да го искористиме ова за да го направиме процесот на донесување одлуки поедноставен и пофлексибилен. Ова би можело да значи и намалување на бројот на области каде што една членка може да ги блокира сите други. Тоа НЕ би можело да значи и намалување на нашите институции“, рече Кос.
Друг елемент што го истакна таа е зајакнувањето на постојните заштитни мерки за да се спречи новите членки да отстапат од демократските стандарди и владеењето на правото, како што беше случајот со Унгарија.
„Мора да се осигуриме дека нема да дозволиме тројански коњи да влезат во ЕУ. Ниту денес, ниту за 10 или 20 години. Неодамнешното искуство покажа дека можеби ќе бидат потребни посилни заштитни мерки за да се спречат и, доколку е потребно, да се исправат кршењата на основните принципи и вредности на Унијата“, рече Кос.
Неколку земји од ЕУ, особено Франција и Германија, сугерираа дека блокот треба да ја преиспита својата методологија на проширување, особено преку постепена интеграција, што би им понудила на земјите-кандидатки опипливи придобивки во порана фаза.
„Проширувањето на ЕУ треба да еволуира за да одговори на реалноста на денешнината. Затоа мора да се оддалечиме од логиката ‘сè или ништо‘ во проширувањето. Треба да бараме поамбициозни начини за постепена интеграција“, рече Кос.



