Европска Унија и Велика Британија постигнаа нов трговски договор, ставајќи крај на неколкумесечни несогласувања околу правата за риболов и идните бизнис правила.
„Ја повративме контролата врз нашите закони и нашата судбина. Иако преговорите беа жестоки, ова е добар договор за цела Европа и во интерес на работни места и просперитет“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го опиша договорот како фер и избалансиран.
„Ова беше долг пат полн со пречки, но сега можеме да презентираме добар договор. Време е да свртиме нов лист и да гледаме кон иднината“, кажа таа, додавајќи дека ќе има петгодишен преоден период за рибарската индустрија.
Двете страни ја продолжуваат и соработката на полето на климатски промени, безбедност, енергија и транспорт.
„Го постигнавме нашиот најголем договор досега, вреден 668 милијарди фунти годишно, договор што на нашите компании ќе им овозможи уште поголема соработка со нашите европски пријатели“, изјави Џонсон.