Европската Унија подготви глобален инвестициски план со кој планира да ѝ парира на иницијативата „Појас и пат“, преку која Кина го шири своето влијание во светот, вклучувајќи го и Западен Балкан. Тој би требало да вклучува големи проекти од областа на дигитализацијата, транспортот, климата и енергетиката.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ќе ја претстави иницијативата „Global Gateway“, вредна милијарди евра, за која се смета дека е дел од напорите на западот да се спротивстави на кинеското влијание во Африка и други региони.
„Ние сакаме инвестиции во квалитетна инфраструктура, што ќе ги поврзува добрата, луѓето и услугите низ светот“, изјави Фон дер Лајен, избегнувајќи да ја спомне Кине во најавите на планот.
Аналитичарот Ендрју Смол вели дека оваа иницијатива, сепак, не би постоела без кинеската „Појас и пат“.
„Ова е првиот сериозен напор на Европа да создаде пакети и механизми за финансирање, со цел земјите да не мора да земаат заеми од Кина како алтернативна опција“, вели Смол.
„Појас и пат“ има централна улога во надворешната политика на Кина, која преку неа развива трговски врски така што инвестира во нови патишта, пристаништа, железнички линии и мостови. Оваа стратегија допре до Азија, Индо-Пацифик, Африка, па дури и во соседството на ЕУ, на Западен Балкан, при што Кина се критикува дека на овој начин многу ги задолжува земјите.