Европа мора да биде способна да одврати потенцијални напаѓачи до 2030 година, кажаа шефовите на Европската Унија откако Брисел најави дека ќе купува повеќе оружје од членките на ЕУ и од сојузничките држави, наместо од САД.
Велика Британија, САД и Турција ќе бидат исклучени од договорите за одбрана финансирани од програмата за заеми од 150 милијарди евра, освен доколку не потпишат договори за безбедносно и одбранбено партнерство со ЕУ. Оваа програма за заеми ќе биде достапна за сите членки на ЕУ, но 65% од купената воена опрема мора да дојде од добавувачи од Европска Унија, Норвешка или Украина. Остатокот ќе може да се потроши во земјите кои не се членки на ЕУ со посебен договор.
„Европската Унија се подготвува за најлошото. Ние немаме студена војна, но имаме жешка војна на европска почва и заканата е егзистенцијална и реална“, изјави еврокомесарката за надворешна политика Каја Калас.
Минатиот месец, данските разузнавачи предупредија дека Русија би можела да биде спремна за општа војна во Европа во рок од пет години.
„Да се биде спремен до 2030 значи дека повторно треба да се вооружиме и да развиеме способности за веродостојно одвраќање“, кажа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во пресрет на денешниот самит на ЕУ, на кој одбраната ќе биде главна тема.
ЕУ ја опишува Велика Британија како суштински сојузник и предлага продлабочување на соработката со Австралија, Канада, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Брисел веќе има потпишано одбранбени пактови со шест земји, вклучувајќи ги Јапонија, Кореја и Норвешка.
Пристапот „Купувајте европско“ е победа за Франција, но најверојатно ќе се соочи со одбивање од други членки на ЕУ, како Холандија и Полска, во дискусиите за финализирање на предлозите за заем од 150 милијарди евра. Многу земји велат дека сакаат поголема европска одбранбена индустрија, но се противат на ограничувањата на воените трошоци.