Федералната агенција за цивилно воздухопловство на САД (ФАА) објави дека нема да го следи примерот на голем број земји и да ги приземји авионите „боинг 737 макс 8“, и покрај притисокот од сенатори и работнички синдикати.
Извештајтот на ФАА покажал дека нема системски проблеми кај авионите, ниту основа за нивно приземјување.
Во неделата, „боинг 737 макс 8“ на „Етиопијан ерлајнс“ се урна само шест минути по полетувањето од Адис Абеба, при што загинаа 157 луѓе, што се случи само пет месеци по падот на ист ваков авион во Индонезија.
Хонг Конг, Виетнам и Нов Зеланд денеска се приклучија на долгата листа земји кои ги суспендираа летовите на „боинг 737 макс 8“, откако претходно тоа го направија и Кина, Индија, Велика Британија, Европската Унија и Австралија.
„ФАА веднаш би требала да ги следи останатите нации и да ги тргне овие авиони од небото“, кажа претседателската кандидатка на Демократите, Елизабет Ворен, а слични пораки дојдоа и од видни републиканци.
„Саутвест ерлајнс“ и „Американ ерлајнс“ објавија дека ќе продолжат да ги користат овие авиони.