Водечките бугарски политичари ги поздравија американските санкции за шестемина Бугари поради корупција и 64 компании поврзани со нив, додека Европската Унија ги одобри и најави дека нема да преземе контрамерки против САД. Во исто време, Европската комисија ѝ кажа на Бугарија дека треба да акумулира солидно искуство во изрекувањето пресуди за висока корупција.
„Бугарија мора да го заврши спроведувањето на реформите наведени во извештајот од 2019 година. Сè уште има недовршени работи. Важен елемент на тоа е да продолжи соработката со телата на Европскиот совет, со цел да се надминат некои слабости во антикорупциската рамка и во ефективноста на кривичните истраги“, изјави портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд.
Меѓу бугарските државјани кои американскиот Стејт Департмент вчера ги стави на црна листа се и поранешните функционери на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев и Красимир Томов, кои се обвинети дека организирале шема за земање мито за издавање бугарски пасоши на Македонци. Тие се кадри на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов кој во Владата на Бојко Борисов беше вицепремиер и министер за одбрана.
Слави Трифонов, чија партија „Има таков народ“ беше втора на последните парламентарни избори, ги опиша санкциите како „пријателски подадена рака од партнер“.
Со санкциите се замрзнати средствата во САД и на поранешниот пратеник и медиумски могул Делјан Пеевски, владиниот функционер Илко Желјазков и на избеганиот коцкарски тајкун Васил Божков.
И поранешниот премиер Бојко Борисов ги поздрави санкциите и негираше дека имал врски со лицата од црната листа.
„Немаме примено еден цент од Божков, а со Пеевски сум се сретнал само еднаш. Немаме никакви заеднички интереси и бизниси“, кажа Борисов.
Брисел, кој во минатото се спротивставуваше на американските санкции за Иран и Куба, соопшти дека санкциите не се однесуваат на територијата на ЕУ, па затоа нема да презема контрамерки.