ЕУ ПОДГОТВЕНА ДА ГО ЗАБРАНИ УВОЗОТ НА РУСКАТА НАФТА, УНГАРИЈА И СЛОВАЧКА ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧОК

    ЕУ ПОДГОТВЕНА ДА ГО ЗАБРАНИ УВОЗОТ НА РУСКАТА НАФТА, УНГАРИЈА И СЛОВАЧКА ЌЕ БИДАТ ИСКЛУЧОКЕУ увезува 26% од својата нафта од Русија (Фото: Гети)

    Европската Унија денеска предложи нови санкции за Русија, вклучувајќи план за постепено откажување од руската нафта до крајот на годината. Ова ќе биде голем потег, имајќи предвид дека блокот увезува 26% од својата нафта од Русија, при што некои држави се далеку позависни од неа од другите.

    Последното првенствено се однесува на Унгарија и Словачка, кои најавија дека нема да се придружат на ембаргото на руските енергенси. Дипломатите од Брисел велат дека бил постигнат договор двете држави да бидат исклучени од ембаргото. По првичната резервираност, и Германија кажа дека ќе ја поддржи забраната за увоз на руската нафта.

    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, појасни дека увозот на суровата нафта постепено ќе се намалува во следните шест месеци, а на дериватите до крајот на 2022.

    „Ова нема да биде лесно, но мора да го направиме. Сакаме Украина да ја добие оваа војна“, изјави Фон дер Лајен.

    Од почетокот на војната во Украина на 24 февруари, Европската Унија платила 47 милијарди евра за руските нафта и гас, што значи дека Русија би можела да остане без значаен извор на приходи.

    Шефот за надворешната политика на ЕУ, Хосеп Борел, кажа дека шестиот пакет санкции ќе погоди и некои руски банки и државни медиуми.

    Како одговор на западните санкции, Владимир Путин вчера потпиша декрет со кој Русија може да прекинува договори и извоз на производи и сурови материјали, што ѝ дава моќ да предизвикува хаос на пазарот. Тој ѝ нареди на владата во рок од десет дена да состави листа на поединци и субјекти на кои би се однесувале овие санкции.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира