Европската Унија изрази загриженост за унгарската програма за работни визи која е отворена и за државјаните на Русија и Белорусија, додека низ Европа се појавуваат саботажи и обвинувања за шпионажа.
Унгарија ја прошири својата програма Национална карта и за државјаните на Русија и Белорусија откако го презеде претседателството на ЕУ. Картата сега овозможува полесен влез во ЕУ од работни причини за државјаните на БиХ, Молдавија, Црна Гора, Македонија. Србија и Украина, кои се кандидати за членство во ЕУ, што Русија и Белорусија не се.
„Малку е чудно да ги отворите вратите за граѓаните на Русија и Белорусија кога двете држави се непријателски расположени кон ЕУ. Ова е време за поголема будност, не помала. Ова не е време да се биде мек кон безбедноста“, изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока ги отфрли грижите и кажа дека земји како Германија, Летонија, Полска и Шпанија имаат издадено повеќе визи за Русите.
„Во изминатите два месеца се издадени само десет визи за руски државјани и четири за белоруски. Тоа не е тренд на зголемување. Не постојат правни и безбедносни проблеми во врска со Националната карта“, изјави Бока.