Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го призна поразот на неговиот кандидат Бинали Јилдирим на повторените избори за градоначалник на Истанбул, додека граѓаните масовно излегоа на улиците и еуфорично ја слават победата на Екрем Имамоглу.
До неодамна малку познатиот Имамоглу освои 54% од гласовите на денешните избори, кои беа повторени откако владејачката партија АК ги оспори резултатите од изборите на 31 март, тврдејќи дека имало нерегуларности, по што државната изборна комисија го поништи гласањето. Имамоглу тогаш победи со минимална разлика од 13.000 гласови, а сега освои дури 715.000 повеќе од Јилдирим.
„Му честитам на Екрем Имамоглу кој победил на изборите според прелиминарните резултати“, напиша Ердоган на Твитер.
Тој претходно кажа дека „оној кој ќе победи во Истанбул, ќе победи во цела Турција“.
По веста за повторната победа на Имамоглу, десетици илјади луѓе излегоа на улиците на градот, веејќи турски знамиња и трубејќи од своите возила.
„Оваа победа може да доведе до серија сериозни промени во турската политика. Таа може да биде почеток на крајот на АКП, имајќи предвид дека самиот Ердоган ги нарече изборите ‘прашање на опстанок‘“, вели новинарот Мурат Јеткин.