Директорот на Светскиот фонд за храна на Обединетите нации, Дејвид Бизли, претстави план како 6,6 милијарди долари би можеле да се потрошат за борба против гладот во светот, како директен одговор на Илон Маск, кој тврдеше дека ќе ги продаде своите акции во „Тесла“ ако му објаснат како точно би се извело тоа.
Бизли на Твитер објави линк до неговото „извршно резиме“ од 1.000 зборови. Во него, тој објаснува како Обединетите нации би распределиле храна и ваучери во вредност од 6,6 милијарди долари за да се нахранат повеќе од 40 милиони луѓе во 43 држави кои се на работ на глад, со што би се спречила катастрофа која се наѕира.
„Три и пол милијарди долари би се потрошиле за купување и директна испорака на храна, а две милијарди би се дале во вид на готовина и ваучери за храна на местата каде што пазарите функционираат. 700 милиони долари би се потрошиле за управување со нови програми за храна, а уште 400 милиони би биле искористени за управување со операции, администрација и за координација на синџири на снабдување“, се вели во програмата на Бизли.
Тој предупредува дека кризата со гладот е итна, досега невидена, но и може да се избегне.
„Светот гори. Побаравте јасен план и чисти сметки и еве ви ги. Подготвени сме да разговараме со вас, но и со сите други кои сериозно сакаат да спасат животи“, вели Бизли.
Маск досега не одговорил на планот на Бизли. Минатиот месец, тој ги предизвика ОН да му приложат доказ за нивните тврдења дека само мал процент од неговото богатство може да го реши проблемот со глад во светот.