Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Европа нема да се крие, реагирајќи на враќањето на Доналд Трамп како претседател на САД. Говорејќи во Париз пред средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, Шолц рече дека Европа ќе биде конструктивен и самоуверен партнер на САД.
„Ние сме силни, стоиме заедно“, рече Шолц, кој беше во француската престолнина за одбележувањето на 62-годишнината на Елисејскиот договор, кој го зацврсти повоеното помирување помеѓу Франција и Германија.
Макрон и Шолц се согласуваат дека Европа мора да биде силна и издржлива во свет кој е во движење. Германскиот канцелар го опиша вториот мандат на Трамп како предизвик.
Макрон рече дека двете земји сакаат да ја забрзаат европската агенда наспроти заканите за американски царини за европскиот извоз.
„На нас Европејците е да ја одиграме нашата целосна улога во консолидирањето на обединета, силна и суверена Европа. Денес, повеќе од кога било, приоритет на Европејците мора да биде нашата Европа и нашите конкурентност, просперитет и безбедност“, додаде Макрон.