ЕВРОПА ПРЕТПАЗЛИВА ОКОЛУ ИСПОРАКА НА АВИОНИ ВО УКРАИНА, ЗЕЛЕНСКИ ПОБАРА ОД ЕУ ДА ПРОДОЛЖИ СО ВОЕНАТА ПОДДРШКА

    ЕВРОПА ПРЕТПАЗЛИВА ОКОЛУ ИСПОРАКА НА АВИОНИ ВО УКРАИНА, ЗЕЛЕНСКИ ПОБАРА ОД ЕУ ДА ПРОДОЛЖИ СО ВОЕНАТА ПОДДРШКАПо посетата на Лондон и Париз, Зеленски одржа говор во Европскиот парламент (Фото: ЕПА)

    Британскиот министер за одбрана Бен Волас ја отфрли можноста за моментално испраќање борбени авиони во Украина, што Володимир Зеленски го побара од европските лидери при посетата на Лондон, Париз и Брисел. Волас рече дека испорака на авиони би траела со месеци и место тоа, Британија мора да се фокусира на обезбедување алтернативни методи на заштита на украинското небо, како дронови и проектили со долг дострел.

    Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека западот прво треба да се обезбеди дека не ризикува судир со Русија, пред да ѝ испорача авиони на Украина.

    „Такви одлуки се носат зад затворени врати зашто треба да се дискутира за многу чувствителни прашања“, кажа Руте.

    Зеленски денеска одржа говор во Европскиот парламент, во кој не ги спомна авионите, но порача дека само победа на Украина може да ги заштити европските вредности.

    „Мора да се браниме, а Европската Унија мора да остане на курсот на поддршка за Украина. Ова е наша Европа, ова се наши правила, ова е наш начин на живот. За Украина, тоа е пат кон дома. Украина ќе биде членка на Европската Унија“, кажа Зеленски, добивајќи стоечки овации од европратениците.

    Тој се сретна со лидерите на Велика Британија, Германија и Франција додека руските сили го засилуваат своето присуство во источна Украина и наводно веќе почнале нова офанзива, насочена во регионот Луганск.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира