Лидерите на Европската Унија се собираат денеска во Брисел за вонредни разговори за одбраната откако Емануел Макрон предупреди дека Европа се наоѓа во пресвртна точка во историјата. Тие ќе се обидат да ги договорат начините како брзо да ги зголемат нивните воени буџети, откако владата на Доналд Трамп кажа дека Европа ќе мора сама да се грижи за својата безбедност и ја прекина воената помош за Украина.
„Европа се соочува со јасна и присутна опасност на ниво што никој од нас не видел во нашите животи. Некои од нашите основни претпоставки се поткопани до својата суштина“, кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Можеби најголемиот предизвик за ЕУ ќе биде да најде обединет став зашто голем дел од она што го прави блокот бара едногласна поддршка. Словачкиот премиер Роберт Фицо оваа недела кажа дека пристапот на ЕУ „мир преку сила“ не е реалистичен, додека унгарскиот премиер Виктор Орбан побара Украина да не биде спомната во никакви писмени заклучоци од самитот. Орбан го пофали Трамп што „храбро се залага за мир“ и додаде дека постои стратешка поделеност помеѓу САД и мнозинството од Европа.
„Една страна инсистира на продолжување на војната во Украина, а другата бара начини за крај на војната“, кажа Орбан.
Фокусот на денешниот самит ќе бидат финансиите и како да се обезбедат средства за сопствената безбедност и за помош на Украина. Фон дер Лајен веќе претстави план за вооружување на ЕУ вреден 800 милијарди евра и многумина лидери најавија поддршка за брза, одлучна акција во поглед на безбедноста на Европа.