Нови држави би можеле да ѝ се придружат на Европската Унија без да имаат полно право на глас, објави сајтот „Политико“. Предлогот за промена на правилата за пристапување бил во рана фаза и треба да биде одобрен од сите членки на ЕУ, изјавија тројца европски дипломати запознати со разговорите.
Идејата е новите членки да добијат целосни права откако ЕУ ќе го преиспита начинот на кој функционира, за да им се отежни на поединечните земји да ставаат вето на политиките. Ова е најновиот обид на владите кои се залагаат за проширување, како Австрија и Шведска, да внесат живот во процесот на проширување, што во моментов го блокираат Унгарија и неколку други членки од свои интереси.
ЕУ го направи проширувањето стратешки приоритет поради експанзионистичката агенда на Владимир Путин, иако притисокот за зголемување на бројот на членови во текот на следната деценија ги разоткрива внатрешните поделби во блокот.
„Од идните членки треба да се бара да се откажат од своето право на вето сè додека не се спроведат клучните институционални реформи, како што е воведувањето на квалификувано мнозинство во повеќето области. Проширувањето не смее да се забави од страна на некои членки кои ги блокираат реформите“, рече Антон Хофрајтер, претседател на Комитетот за европски прашања на германскиот Бундестаг.
Иницијативата ќе им овозможи на земјите кои моментално се на пат кон членството, како Украина, Молдавија и Црна Гора, да уживаат во многу од придобивките на членството, но без право на вето, што владите на ЕУ отсекогаш го негувале како алатка за спречување политики што не им се допаѓаат.
„Планот за приклучување на нови членки без целосно право на глас би обезбедил да останеме способни да дејствуваме дури и во проширена ЕУ. Од разговорите со претставниците на земјите од Западен Балкан добивам јасни сигнали дека овој пристап се смета за конструктивен и одржлив“, рече Хофрајтер.
Лидерите на земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија ќе се сретнат со европските лидери в среда на самитот „Берлински процес“ во Лондон, кој ќе биде фокусиран на зајакнувањето на интеграцијата помеѓу тие земји како претходник на проширувањето на ЕУ.