ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ПРЕДЛОЖИ СУСПЕНДИРАЊЕ НА ТРГОВСКИОТ ДОГОВОР СО ИЗРАЕЛ ПОРАДИ ВОЈНАТА ВО ГАЗА

    ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ПРЕДЛОЖИ СУСПЕНДИРАЊЕ НА ТРГОВСКИОТ ДОГОВОР СО ИЗРАЕЛ ПОРАДИ ВОЈНАТА ВО ГАЗАЕврокомесарката за надворешна политика Каја Калас исто така предложи санкции за двајца израелски министри (Фото: АФП)

    Европската комисија предложи суспендирање на трговскиот договор со Израел поради војната во Газа, што ќе влијае на извозот од околу 5,8 милијарди евра, иако мерката во моментов нема доволно поддршка меѓу членките на ЕУ за да биде усвоена. Еврокомесарката за надворешна политика Каја Калас исто така предложи санкции за двајца израелски министри и за десетмина високи функционери на Хамас.

    Од Брисел кажаа дека двајцата израелски министри се министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрич.

    Израелската речиси двегодишна офанзива во Газа и влошената хуманитарна ситуација го зголемија политичкиот притисок врз Европа да преземе мерки.

    Европската Унија е најголемиот трговски партнер на Израел, при што ланската размена на стоки изнесувала 42,6 милијарди евра. Ако договорот за слободна трговија биде суспендиран, Израел ќе се соочи со царини на исто ниво како земјите кои немаат трговски договори со блокот.

    Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар изјави дека европските предлози се морално и политички искривени и се надева дека нема да бидат усвоени.

    За суспендирањето на договорите за слободна трговија е потребна поддршка од 15 од 27-те членки на ЕУ кои претставуваат 65% од населението на ЕУ. Ова најмногу ќе зависи од Германија, која досега не сакаше да воведе санкции врз Израел.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира