Европската Унија денеска и формално ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија, две години откако тие поднесоа барање за членство набргу по почетокот на руската инвазија врз Украина. Володимир Зеленски го поздрави официјалниот почеток на преговорите, велејќи дека европскиот проект ќе биде вистински комплетиран кога Украина ќе стане негов дел.
„Од денеска целосно сме уверени: Украина дефинитивно ќе стане полноправна членка на Европска Унија“, изјави Зеленски во видеообраќање од Киев.
Формалното отворање на разговорите беше означено со две одделни меѓувладини конференции во Луксембург, на кои министрите на ЕУ се среќаваат со делегациите на двете земји, Европската комисија и Белгија како претседавач на Унијата. Украинската делегација е предводена од вицепремиерката Олга Стефанишина.
„Ова е историски момент за мојата земја. Целата нација стои зад оваа одлука“, изјави таа.
Како и во случајот со земјите од Западен Балкан, преговорите ќе бидат тешки и ќе траат со години.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кажа дека стартот на пристапните преговори е многу добра вест за граѓаните на двете земји и за целата Европска Унија.
„Патот пред вас ќе биде многу тежок, но полн со можности“, рече Фон дер Лајен.
Шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кажа дека Украина и Молдавија би можеле да станат членки до 2030 „ако си ја завршат домашната работа“.