„ФАЈЗЕР“ ЌЕ ПОБАРА ИТНО ОДОБРУВАЊЕ НА НЕГОВАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19

    „ФАЈЗЕР“ ЌЕ ПОБАРА ИТНО ОДОБРУВАЊЕ НА НЕГОВАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19Американските власти очекуваат вакцината да биде одобрена во првата половина на декември (Фото: Ројтерс)

    „Фајзер“ и неговиот германски партнер „БиоНТек“ објавија дека денеска ќе аплицираат за итно одобрување на нивната вакцина против ковид-19, која покажала ефективност од 95% на завршните тестирања. Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) ќе треба да реши дали вакцината е безбедна за да излезе на пазарот.

    Засега е нејасно колку долго ќе трае анализата на ФДА, но американската влада очекува вакцината да биде одобрена во првата половина на декември.

    „Нашата работа да обезбедиме безбедна и ефективна вакцина никогаш не била поитна“, изјави извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.

    Од компанијата кажаа дека се способни да обезбедат 50 милиони дози од вакцината до крајот на годината, од кои половина ќе бидат наменети за САД.

    Во Европа, вакцината ќе треба да ја одобри Европската агенција за лекови, што се очекува во втората половина на декември.

    ЕУ би можела да плати 10 милијарди евра за да обезбеди стотици милиони дози од вакцините на „Фајзер/БиоНТек“ и на германската компанија „КјурВак“. Според официјални лица од Брисел, Унијата се согласила да плати 15,50 евра за една доза од вакцината на „Фајзер“, односно вкупно 4,65 милијарди за 300 милиони дози. Во исто време бил постигнат договор и со „КјурВак“ за 405 милиони дози од неговата вакцина по цена од десет евра.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира