„ФАЈЗЕР“ ЌЕ ПОБАРА ВО САД ДА СЕ ДАВА И ТРЕТА ДОЗА ОД ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19

    „ФАЈЗЕР“ ЌЕ ПОБАРА ВО САД ДА СЕ ДАВА И ТРЕТА ДОЗА ОД ВАКЦИНАТА ПРОТИВ КОВИД-19„Фајзер“ верува дека третата доза е особено важна кај постарите возрасни групи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Фајзер“ планира во текот на следниот месец да побара од американските регулатори да одобрат трета доза од нејзината вакцина против ковид-19 , изјави главниот научник на производителот на лекови, врз основа на докази за поголем ризик од реинфекција шест месеци по имунизацијата и ширењето на многу заразниот делта сој. Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) и Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), сепак, велат во заедничката изјава дека на Американците кои биле целосно вакцинирани во овој момент не им треба трета доза.

    Главниот директор за наука на „Фајзер“ Микаел Долстен, рече дека падот на ефикасноста на вакцината во Израел пријавен неодамна, најмногу се должи на инфекции кај луѓе кои биле вакцинирани во јануари или февруари. Министерството за здравство на земјата соопшти дека ефикасноста на вакцините во спречувањето и на инфекциите и на симптоматска болест во јуни паднала на 64%.

    „Вакцината на ‘Фајзер’ е многу ефикасна против делта сојот. Но, по шест месеци, најверојатно постои ризик од реинфекција бидејќи антителата, како што се предвидуваше, опаѓаат“, рече Долстен во едно интервју.

    „Фајзер“ не ги објави комплетните израелски податоци, но рече дека ќе бидат објавени наскоро.

    „Тоа е мал сет на податоци, но мислам дека трендот е точен: по шест месеци, со оглед на тоа што делта сојот е најзаразниот што сме го виделе, може да предизвика инфекции и лесна болест“, рече Долстен.

    ФДА и ЦДЦ, во нивното заедничко соопштение, велат: „Ние сме подготвени за трета доза ако и кога науката докаже дека е потребно“.

    Сопствените податоци на „Фајзер“ од САД покажаа ерозија на ефикасноста на вакцината кај возрасната група над 80 години по шест месеци за соевите што циркулираа таму пролетта, рече Долстен. Тој истакна дека податоците од Израел и Велика Британија сугерираат оти дури и со опаѓање на нивото на антитела, вакцината останува околу 95% ефикасна против тешка болест. Вакцината, развиена со германскиот партнер „Бионтек“, покажа 95% ефикасност во спречувањето на симптоматскиот ковид-19 во клиничкото испитување што компаниите го спроведоа минатата година.

    Долстен рече дека раните податоци од сопствените студии на компанијата покажуваат оти третата бустер доза генерира нивоа на антитела што се пет до 10 пати поголеми отколку по втората доза, што сугерира дека третата доза ќе понуди поголема заштита.

    Тој рече дека повеќе земји во Европа и на други места веќе се обратиле до „Фајзер“ за да разговараат за трета доза, а некои може да започнат да ги даваат и пред потенцијалното американско одобрување. Долстен рече дека верува оти третата доза е особено важна кај постарите возрасни групи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира