Еден од фаворитите на претстојните претседателски избори во Бразил, Жаир Болсонаро, е прободен со нож на митингот во југоисточната сојузна држава Минас Жеирас, но се наоѓа надвор од животна опасност.
Осомничениот напаѓач веднаш бил уапсен.
„Болсонаро беше опериран за да му се санираат повредите на внатрешните органи и се очекува целосно да заздрави“, изјавија официјални лица од болницата.
Контроверзниот десничарски политичар се здоби со многу противници поради својата расистичка и хомофобична реторика, но котираше одлично во последните анкети. Тие дури му предвидуваа победа на изборите наредниот месец, доколку на поранешниот претседател Луис Инасио Лула не му биде дозволено да се кандидира. Иако голем фаворит, Лула моментално е во затвор поради корупција.
Ова е неочекуван развој на настаните во кампањата, во која еден кандидат е во болница, а друг зад решетки.
Болсонаро бил меѓу свои приврзаници во градот Жуиз де Фора, кога бил прободен со нож во стомакот. Тој бил опериран два часа и сега е стабилно, но најмалку десет дена ќе мора да остане во болница.