Бред Пит нема да биде гонет за инцидентот во неговиот приватен авион, зашто ФБИ не ни имала случај против него, објави американскиот естраден портал ТМЗ. Овој портал ја објави веста откако обласните социјални служби почнале истрага за обвинувањата дека Бред Пит го нападнал 15-годишниот син Медокс во приватниот авион, а полицијата на Лос Анџелес го предала случајот на ФБИ.
Според изјава на висок слжбеник, ФБИ никогаш не покренала истрага за Пит и целиот случај воопшто не требало да биде предаден во надлежност на агенцијата. ФБИ официјално вели дека уште собира факти, а не дека води истрага, но неофицијално вели дека нема, ниту ќе има истрага.
Медокс не бил повреден, а некои од очевидците во авионот велат дека физичкиот контакт на Пит со син му не бил намерен. Извори до Анџелина Џоли велат дека таа не сакала Пит да биде гонет. Социјалните служби ги интервјуирале членовите на семејството, но не е донесена одлука за стрателство. Во моментов Џоли има целосно стрателство над нивните 6 деца, откако поднесе барање за развод на 15 септември.