„ФЛАМИНГО РЕВОЛУЦИЈА“ ВО АЛБАНИЈА ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ЛУКСУЗНО ОДМОРАЛИШТЕ, РАМА ВЕЛИ ДЕКА Е ПОТТИКНАТА ОД ОНИЕ КОИ ГО МРАЗАТ ТРАМП

    „ФЛАМИНГО РЕВОЛУЦИЈА“ ВО АЛБАНИЈА ПРОТИВ ИЗГРАДБА НА ЛУКСУЗНО ОДМОРАЛИШТЕ, РАМА ВЕЛИ ДЕКА Е ПОТТИКНАТА ОД ОНИЕ КОИ ГО МРАЗАТ ТРАМППредложениот проект се наоѓа во рамките на некогаш заштитен природен екосистем, кој е дом и на фламинга (Фото: АП)

    Фламингото стана неочекувана маскота на засилените протести во Албанија против предложеното луксузно одморалиште, што треба да го гради фирмата на зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кое би навлегло и во подрачје за размножување на овие птици. На главниот булевар во Тирана, илјадници луѓе оваа недела протестираа, носејќи албански знамиња, транспаренти и големи картонски исечоци во форма на фламинго.

    „Каде ќе живеат сега?“, „Албанија не е на продажба“, пишуваше на некои од транспарентите.

    Во 2024, Кушнер објави планови дека неговата фирма за приватен капитал „Афинити партнерс“ ќе развие големо одморалиште на ненаселениот јадрански остров Сазан и на крајбрежјето на Звернец во близина на Валона, кое би можело да има до 10.000 хотелски соби. Тој го посети местото со својата сопруга Иванка Трамп во јануари оваа година.

    Предложениот проект се наоѓа во рамките на некогаш заштитен природен екосистем, кој е дом на фламинга, повеќе од 200 видови птици преселници, медитерански фоки и морски желки. Спорните измени во законот за заштитени подрачја во 2024 година го отворија патот за туристички развој во некои заштитени области.
    Оваа недела, албанскиот премиер Еди Рама изјави дека проектот сè уште не постои и дека еколошката проценка сè уште се спроведува.

    Предизвикот не е да се истура бетон врз главите на фламингата. Предизвикот е да се докаже дека развојот и природата не само што можат да коегзистираат, туку се потребни едни на други“, рече Рама.

    Тој ги отфрли протестите како политички набиена кампања поттикната од критичарите на Доналд Трамп.

    Да не беше Џаред, на никого немаше да му биде гајле за тоа што се случува во Албанија. Оние што го мразат Трамп помогнаа во засилувањето на протестите, кои не се така раширени како што се претставува“, кажа Рама.

    Тој додаде дека не бил во контакт со Кушнер откако почнаа протестите во мај и го обвини Иран за хибридна војна и за ширење дезинформации за проектот, вреден 1,4 милијарди долари.

    Еколозите се противат на проектот, за кој велат дека ќе влијае на стотици хектари недопрени плажи и врз илјадници фламинга кои се гнездат и минуваат низ блиските области секоја година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира