Урсула фон дер Лајен го нападна унгарскиот премиер Виктор Орбан за блиските односи со Владимир Путин, што дозволил Русија и Кина да го шират своето влијание и дека го изневерил унгарскиот народ.
„Сѐ уште има некои кои не го обвинуваат агресорот за војната, туку нападнатиот. Не ја обвинуваат желбата на Путин за моќ, туку жедта на Украина за слобода. Сакам да ги прашам дали би ги обвинувале Унгарците за советската инвазија во 1956 или Чесите и Словаците за советската репресија во 1968?“, кажа претседателката на Европската комисија во Европскиот парламент, обраќајќи му се на Орбан.
На стартот на шестмесечното претседателство на Унгарија со ЕУ, Орбан ги посети Киев, Москва, Пекинг и Вашингтон во самопрогласената мировна мисија и притоа призна дека за тоа не добил овластување од Брисел. Орбан кажа дека бил изненаден од она што го кажа Фон дер Лајен.
„Европската комисија стана политичко оружје, место да биде неутрална и да се фокусира на заштитата на договорите на ЕУ“, возврати Орбан.
Фон дер Лајен го нападна Орбан и зашто дозволил кинески полицајци да патролираат во Унгарија и што го олеснил издавањето работни визи за руските и белоруските државјани.
„Тоа не е одбрана на суверенитетот на Европа, тоа е задна врата за дозволување странско мешање“, рече Фон дер Лајен.