Во Франција на сила стапи нов закон кој забранува најголем дел од овошјето и зеленчукот да се пакува во пластика. Краставиците, крушите, лимоните и портокалите се меѓу 30 видови кои веќе нема да смеат да се продаваат во пластично пакување.
Исклучок ќе бидат големи пакувања и сецкано овошје.
Претседателот Макрон ја опиша забраната како вистинска револуција и кажа дека ја докажува посветеноста на земјата да ја исфрли пластиката за еднократна употреба до 2040 година.
Повеќе од една третина од овошните и зеленчуковите производи во Франција се продава во пластично пакување и владата верува дека со оваа забрана ќе се спречи користењето на милијарда еднократни пластични предмети годишно.
Забраната е дел од повеќегодишна програма воведена од владата на Макрон, чија цел е постепеното исфрлање на пластиката од многу индустрии. Од лани се забранети пластични сламки, чаши, прибор за јадење и кутии за храна. Подоцна оваа година, на јавни места ќе мора да се постават фонтани, со цел да се намали купувањето флаширана вода.