Околу 216.000 деца биле жртви на злоставувањата од страна на свештениците на Католичката црква во Франција од 1950 година, изјави Жан-Марк Сове, кој ја водеше истрагата. Наодите за сексуалните злоставувања во француската Католичка црква денеска се објавени во долг извештај.
„Бројот на жртвите би можел да порасне до 330.000, ако се додадат злоставувањата од пониските членови на црквата“, кажа Сове.
Една од жртвите го опиша извештајот како пресвртна точка во француската историја. Извештајот е заснован на црковни, судски и полициски архиви, како и на сведоштва на жртвите.
Се верува дека повеќето од случаите опфатени со истрагата се премногу стари за да бидат процесуирани. Комисијата била формирана во 2018 година на барање на црквата по бројни слични скандали во други држави.
Сове изјави дека пронашле докази за околу 3.200 злоставувачи меѓу вкупно 115.000 свештеници и други црковни лица.
„Проблемот е присутен и денес. До 2000, црквата покажувала целосна рамнодушност кон жртвите“, кажа Сове на онлајн презентацијата на извештајот.