ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА ОН БАРА „ХУМАНИТАРНО ПРИМИРЈЕ“ ВО ГАЗА

    ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА ОН БАРА „ХУМАНИТАРНО ПРИМИРЈЕ“ ВО ГАЗАНад 7.300 Палестинци загинаа досега во војната во Газа. (Фото: ЕПА)

    Генералното собрание на ОН вчера усвои необврзувачка резолуција со која се бара „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје“ во Газа. Документот предложен од Јордан беше ставен на гласање на вонредна седница на која се разговараше за речиси тринеделната војна меѓу Израел и влаејачката милитантна група Хамас во Газа, која започна по големиот напад врз израелските цивили од милитантите на Хамас на 7 октомври. За усвојување на резолуцијата беше потребно двотретинско мнозинство во 193-члената светска организација. На крајот, 120 земји гласаа за, 14 против, а 45 беа воздржани.

    Додека претставниците на Египет и Катар гласаа „за“, на пример, САД цврсто застанаа против. Други, како Германија, Канада и Велика Британија, се одлучија да гласаат воздржано. И Македонија гласаше воздржано.

    Резолуцијата не го спомнува Хамас по име, ниту ги спомнува заложниците земени од милитантите, истакна американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд.

    „Ова е испуштање на злото, тоа ѝ дава покритие и ја зајакнува бруталноста на Хамас и ниту една земја-членка не треба да дозволи тоа да се случи“, рече таа на маратонската дебата, која започна во четвртокот.

    Австрија, Хрватска и Чешка беа меѓу оние кои им се придружија на САД во гласањето против.

    Канада се обиде да додаде амандман на резолуцијата со која се осудуваат „терористичките напади од Хамас“ и се повикува на итно и безусловно ослободување на заложниците што ги држи Хамас. Но, овој амандман не ги доби потребните гласови.

    По гласањето, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок објасни зошто нејзината земја е една од 45-те што се воздржаа.

    „Бидејќи резолуцијата јасно не го именува теророт на Хамас, не повикува на ослободување на сите заложници доволно јасно и не го потврдува правото на Израел на самоодбрана, решивме со многу наши европски партнери да не гласаме за резолуцијата“, се вели во соопштението на Баербок.

    Над 7.300 Палестинци загинаа досега во војната во Газа, која од синоќа е целосно и телекомуникацски отсечена поради бомбрдирањата од Израел, а Хамас рече дека ќе одговори со сета сила на најавената израелска копнена офанзива.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира