Германија денеска го презеде шестмесечното претседателствување со Европската Унија, додека канцеларката на заминување Ангела Меркел се обидува да му помогне на блокот да ги надмине последиците од коронавирусот со огромен план за економско заздравување.
Последната голема улога на Меркел на меѓународната сцена доаѓа додека Унијата се соочува со најголемата рецесија од Втората светска војна и таа го замени својот вообичаен мирен пристап со повик за итни исклучителни мерки.
„Европската иднина е и наша иднина“, кажа Меркел, додека заедно со францускиот претседател Макрон го промовираше фондот за заздравување вреден 750 милијарди евра.
Планирано е земјите да ги добиваат парите во вид на грантови и Меркел се надева дека договор за фондот ќе биде постигнат на самитот на Унијата на 17/18 јули.
Неделникот „Дер Шпигел“ пишува дека ова е последната шанса за Меркел да биде запаметена како еден од најголемите европски лидери.
„Со години, таа одложуваше да се справи со хроничните проблеми на Унијата и еврото. Сега, на крајот на својата политичка кариера, таа има можност да ги исправи своите грешки од минатото“, пишува „Дер Шпигел“.
А, предизвици нема да недостига во наредните месеци: пост-брегзит преговорите со Велика Британија, сѐ посамоуверената Кина, разнишаните односи со САД, климатската криза и конфликтот во Либија ќе бараат големо внимание додека пандемијата и натаму ќе доминира на агендата.