Германските лидери договорија да се укине бесплатното брзо тестирање за коронавирус, со цел да го поттикнат вакцинирањето. Рестрикциите ќе останат на сила за да се спречи ширењето на коронавирусот, што се очекува да се влоши во наредните недели, кога луѓето ќе се враќаат од одмор.
Најконтроверзното правило се однесува на невакцинираните. Тие ќе мора да се тестираат ако сакаат да присуствуваат на настани во затворено, што вклучува и ресторани, концерти и црковни служби.
„Лоша вест е дека темпото на вакцинирањето е забавено. Се надеваме дека повторно ќе се подобри по одморите, но факт е дека не треба да бидеме задоволно како се одвива“, изјави канцеларката Ангела Меркел.
Системот на брзо тестирање, кој се користеше со месеци и им овозможуваше на Германците да одат на музички и спортски настани, ќе биде укинат на 11 октомври. После тоа, сите кои се невакцинирани, со исклучок на трудници, деца и лица со медицински состојби, ќе мора да плаќаат за тестирање. Властите сметаат дека на овој начин ќе мотивираат повеќе луѓе да се вакцинираат.
Се очекува маските да останат задолжителни за затворени простори, како училишта, јавен превоз и продавници.