Турските жители на Германија нема да смеат да гласаат на турскиот референдум за враќање на смртната казна, соопшти портпаролот на германската влада.
„Политички е незамисливо да се согласиме на гласање за нешто што е спротивно на нашиот Устав и европските вредности“, кажа Штефен Зајберт, портпарол на канцеларката Ангела Меркел.
„Ако друга земја сака да одржува избори или гласање во нејзините амбасади тука во Германија, тоа мора првин да биде одобрено“, додаде Зајберт.
Околу 1,4 милиони турски државјани во Германија можат да гласаат на турските избори. Околу половина од нив учествуваа на неодамнешниот референдум за проширување на моќите на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Ердоган неколку пати повтори дека има план да организира референдум да ги праша луѓето дали сакаат да биде вратена смртната казна.