Коалициите „Семафор“, „Јамајка“, „Кенија“ и „Германија“ се можни по вчерашните федерални избори во Германија, на кои што Социјалдемократите (СПД) тесно го победија владејачкиот конзервативен блок, предводен од партијата на Ангела Меркел.
Според прелиминарните резултати, СПД освоил 25,7% гласови, додека за ЦДУ/ЦСУ гласале 24,1% избирачи. И додека ЦДУ/ЦСУ го оствари најслабиот резултат во историјата, Зелените го слават најголемиот успех досега со освојувањето на 14,8% гласови. Тие и четвртопласираната партија Слободни демократи (11,5%) ќе бидат најпосакуваните партнери во новата коалициска влада. На неа најверојатно ќе се почека неколку месеци и се предвидува дека Меркел би можела да остане канцеларка до Божиќ.
Ова е првпат Германија да се соочува со владејачка коалиција на три партии, кои се именуваат според боите на можните учесници. Така во „Семафор“ би влегле СПД, Слободни демократи (ФПД) и Зелени, „Јамајка“ би ја сочинувале ЦДУ/ЦСУ, ФДП и Зелени, а „Кенија“ ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелени.
Крајнодесничарската Алијанса за Германија, која освои 10,3% гласови, не е во ниедна комбинација, додека Левица (4,9%), која важи за тврдокорна левичарска партија, би можела да биде дел од коалицијата „Црвено-црвено-зелено“, заедно со СПД и Зелени.
Лидерот на СПД, Олаф Шолц, изјави дека се надева дека ќе постигне договор за коалиција пред Божиќ, додека Армин Лашет (ЦДУ/ЦСУ) исто така изрази надеж дека ќе може да формира влада. Првите неформални дискусии почнуваат уште денеска.
Ако 63-годишниот Шолц успее да состави влада, тој ќе биде четвртиот канцелар од редовите на СПД по Втората светска војна.